
Израелски доселеници рано утринава нападнале палестински села на окупираниот Западен Брег, запалиле две џамии и испишувале графити на објектите, соопштија палестински претставници.
Жителите излегле од своите домови за да им се спротивстават на доселениците, по што дошло до вооружен судир, наведоа палестински претставници.
Според податоците на Обединетите нации и на Палестинската управа, годинава во насилство поврзано со израелските доселеници се убиени десетици Палестинци, а стотици се повредени.
Израелското воено радио, повикувајќи се на безбедносни податоци, објави дека бројот на нападите на израелските доселеници врз Палестинци се зголемил за 63 проценти во првите шест месеци од 2026 година во споредба со истиот период лани.
Во меѓувреме, двајца Палестинци се убиени, а седуммина повредени денеска кога израелски борбени авиони нападнале возило јужно од Деир ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека нејзините екипи ги пренеле телата на две засега неидентификувани жртви и седумтемина повредени во Болницата „Маченици Ал Акса“, по израелскиот воздушен напад врз возилото.
Според палестински извори, израелските сили продолжуваат да го прекршуваат договорот за прекин на огнот, кој стапи во сила на 11 октомври минатата година. Оттогаш, бројот загинати Палестинци достигнал 1.202, а на повредени 3.893


