Skip to main content
Свет

Израел ќе потроши 110 милијарди долари за оружје во следната деценија, наведуваат израелските медиуми

25/12/2025  19:41

Израел планира да инвестира 350 милијарди шекели (110 милијарди долари) во следната деценија за да ја направи својата домашна индустрија за вооружување понезависна, соопшти премиерот Бенјамин Нетанјаху, пренесен од израелските медиуми.

Зборувајќи на церемонијата по повод дипломирањето на новообучените пилоти на воздухопловните сили, Нетанјаху рече дека програмата има за цел да ја намали зависноста на Израел од странски добавувачи, „вклучувајќи ги и пријателите“, објави „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху во своите забелешки се осврна на Германија, за која рече – како и другите земји – се стреми да купи „сè повеќе и повеќе“ системи за оружје од Израел. Германија привремено го запре извозот на оружје во Израел по разорната војна во Газа, во која загинаа илјадници цивили, потег што ги затегна односите со Ерусалим, потсетува ДПА.

Други европски земји и САД, најблискиот сојузник на Израел, исто така воведоа разни ограничувања, предизвикувајќи критики од Нетанјаху. Премиерот рече дека новата програма за инвестиции во одбраната има за цел да обезбеди стратешка автономија на Израел во производството на оружје.

Германија и Израел минатата недела потпишаа договор за проширување на системот за ракетна одбрана „Ароу 3“ (Стрела 3) испорачан на германските вооружени сили, дизајниран за заштита од потенцијални руски ракетни напади, потсетува германската агенција.

Израелските власти изјавија дека вкупната вредност на договорот – вклучувајќи го и базниот систем – изнесува околу 5,7 милијарди евра, што го прави најголемиот договор за оружје во историјата на Израел.