
Општина Ѓорче Петров продолжува со реализација на инфраструктурни проекти во Волково, со конкретни активности за решавање на долгогодишните проблеми на жителите. Во тек се работни активности за изградба на канализациска мрежа на улица 37 во должина од 450 метри, со што по повеќе од 50 години, жителите од овој дел на Ѓорче Петров добиваат основна комунална инфраструктура.

Паралелно, се завршува и делот од улицата што го поврзува Горно Мало со училиштето, со што ќе се подобри пристапот и ќе се создадат побезбедни услови за движење на учениците и жителите.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, информираше дека решавањето на долгогодишните инфраструктурни проблеми останува еден од приоритетите на локалната самоуправа.
-По повеќе од 50 години, семејствата од овој дел на Волково конечно добиваат канализација. На улица 37 работиме на потег од 450 метри, а паралелно го завршуваме и патниот правец што го поврзува Горно Мало со училиштето. Целта е јасна, а тоа е да обезбедиме подобри услови за живот и побезбедно движење за секое семејство и секое дете. Секој решен инфраструктурен проблем е важен чекор напред за нашите сограѓани – изјави Стојкоски.
Работите на улица 37 се дел од поширокиот инфраструктурен циклус што се реализира во Волково, со проекти за изградба и реконструкција на улици, канализациска мрежа и подобрување на сообраќајната поврзаност.
Општина Ѓорче Петров продолжува со активна работа со фокус на подобрување на комуналната инфраструктура, безбедноста и условите за живот на граѓаните.


