
Во близина на селото Стар Истевник, на македонско-бугарската граница, денеска целосно е локализиран и изгаснат шумскиот пожар кој избувна по удар од гром, информираат пожарникари од ТППЕ Делчево.

Во гаснењето на пожарот првпат заеднички учествуваа екипи од двете страни на границата – припадници на Територијалната противпожарна единица од Делчево, вработени од „Национални шуми“ – Подружница Голак, припадници на Граничната полиција, како и служби за гаснење од Бугарија.
– Пожарот се прошири по тешко пристапен терен. Со координирана акција и одлична соработка со екипите од Бугарија, истиот е ставен под контрола, изјавија од ТППЕ Делчево.
Од терен информираат дека навремената интервенција спречила понатамошно ширење на огнот и поголема штета врз шумскиот фонд
Локалните власти ја оценија акцијата како пример за добрососедска соработка и повикаа на зголемена претпазливост во периодот на високи температури и грмежи.