Skip to main content
Скопје

Избран еден, управува друг – Полемики околу раководењето со Општина Карпош

03/06/2026  20:08

Речиси еден месец Општина Карпош функционира без присуство на градоначалникот Сотир Лукровски, кој се наоѓа на боледување, а јавноста и понатаму нема официјални информации за неговата здравствена состојба ниту за тоа кога се очекува да се врати на работните обврски.

Во периодот на неговото отсуство, со Општината раководи Неделчо Крстевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, кому поради новата функција советничкиот мандат му е ставен во мирување.

Граѓаните на локалните избори му ја дадоа довербата на Лукровски да ја води Општина Карпош, но наместо избраниот градоначалник, со општинските процеси во моментов управува друго лице. Токму затоа сè погласни се барањата од јавноста за поголема транспарентност околу причините за отсуството и времетраењето на боледувањето.

Во меѓувреме, поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, преку објава на социјалните мрежи упати остри критики за состојбата во Општината. Според него, Карпош денес изгледа запуштено и неодржувано.

„Трева до колена. Искршена урбана опрема. Исушени дрвја. Вака денес изгледа Карпош. И тоа не во време кога никој не управува со општината, туку во време кога со Карпош управуваат два-тројца градоначалници, седум-осум советници, под специјален надзор на претседателот на Владата, а згора на сѐ и градоначалникот на Скопје“, напиша Јакимовски.

Тој оценува дека Карпош никогаш не изгледал полошо и дека наместо уредени паркови има коров, наместо одржување – негрижа, а наместо работа – изговори.

„Граѓаните не бараат чуда. Бараат ред, чистота и домаќинско работење. А тоа или го знаеш, или не го знаеш“, наведува Јакимовски во својата објава.

Додека траат политичките препукувања, останува неодговорено клучното прашање – до кога ќе трае отсуството на градоначалникот Лукровски и дали граѓаните на Карпош ќе добијат официјално објаснување за ситуацијата во која избраниот градоначалник подолг период не ја извршува функцијата, а Општината ја води друго лице.