
Иако во одредени периоди се намалува интензитетот на воздушните напади на Блискиот Исток, вистинските процеси што водат кон решавање на конфликтите се одвиваат далеку од очите на јавноста. Ова го истакна аналитичарот Милан Стефановски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, искуството покажува дека тајната дипломатија има клучна улога – и пред, и за време, и по завршувањето на воените операции. „За секој конфликт постојат тајни преговори, но тие стануваат видливи дури по неколку години“, нагласи Стефановски, додавајќи дека токму овие канали се насочени кон изнаоѓање одржливи решенија.
Тој оцени дека без вакви преговори не може да се постигне вистински исход, посочувајќи дека јавноста во САД, Европската Унија и НАТО често нема целосен увид во реалните дипломатски процеси. Според него, САД водат паралелни дипломатски активности, но и Иран активно се обидува да ги наметне своите услови.
„Иран не е држава што може да се порази брзо со воени средства“, истакна аналитичарот, потенцирајќи дека краткорочните воени акции не носат трајни решенија. Напротив, според него, секој конфликт неизбежно води кон дипломатски договор со актуелниот режим.
Стефановски се осврна и на поширокиот геополитички контекст, нагласувајќи дека кризата има директни импликации врз глобалните односи. Тој посочи дека Русија извлекува економски бенефит од нестабилноста, додека Кина има долгорочни стратешки интереси во Иран, особено преку економска и инфраструктурна соработка.
Во таа насока, тој ја потенцираше комплексната мрежа на односи што Иран ја гради со овие сили, вклучително и во рамките на БРИКС, но и надвор од него. Долгогодишните санкции, според Стефановски, го принудиле Иран да развие алтернативни партнерства и да се позиционира како значаен фактор во глобалната економија и безбедност.
Дополнително, тој посочи дека повлекувањето на САД од Авганистан и промените во ангажманот во Сирија укажуваат на ново прераспределување на влијанието. Во такви околности, како што рече, се отвора простор за нови актери, меѓу кои и Иран, да ја зајакнат својата позиција во регионот.
На крајот, Стефановски заклучи дека Блискиот Исток останува едно од клучните геополитички жаришта, каде што се судираат интересите на големите сили. Решението, според него, нема да дојде преку воена доминација, туку преку долготраен и сложен процес на преговори и геополитичко усогласување.
