
Иран денес соопшти дека извршил напади врз цели поврзани со американските сили како одговор на американските воздушни напади на неговиот јужен брег, додека двете страни продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за кршење на претходниот договор за деескалација на конфликтот.
Иранското Министерство за надворешни работи не ги прецизираше локациите на нападите, но рече дека тие се одговор на, како што рече, „варварските воздушни напади“ од страна на Соединетите Американски Држави (САД) врз објектите за надзор на брегот, за кои Техеран тврди дека се кршење на Повелбата на Обединетите нации (ОН).
Американската војска изврши напади врз ирански воени цели во областа на Ормутскиот теснец во петокот како одговор на нападот на Техеран врз комерцијален брод во близина на тој клучен воден пат, соопшти Централната команда на САД (CENTCOM), според Си-Ен-Ен.
„Американските авиони ги погодија иранските складишта на ракети и беспилотни летала, како и крајбрежните радарски локации“, се вели во соопштението на ЦЕНТКОМ.
„Неиспровоцираната агресија од страна на иранските сили врз комерцијалниот поморски сообраќај е јасно кршење на прекинот на огнот“, се додава во соопштението.
Во петокот вечерта, ЦЕНТКОМ објави видео од еден од нападите врз ирански цели.
Американските напади во петокот засега не претставуваат враќање кон големите борбени операции, изјави американски функционер за Си-Ен-Ен.
Иранската револуционерна гарда соопшти дека ги гаѓала американските воени позиции во регионот како одговор на американските напади, објави иранската државна телевизија Прес ТВ. Американската војска не потврди дека се случиле такви напади.

