Skip to main content
Балкан

Иран најавува можен напад врз базата на МЕК во Албанија

02/03/2026  22:54

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) разгледува можност за напад врз седиштето на Народната организација на иранските моџахедини (МЕК) во Албанија, во услови на засилени регионални тензии и проширување на безбедносните ризици надвор од Блискиот Исток пишува caliber.az

Според објава на прес-службата на ИРГЦ на Телеграм, потенцијалните активности би се однесувале на објект што Техеран го смета за поврзан со „непријателски активности“. Станува збор за комплексот Ашраф-3, лоциран во селото Манза, во близина на Тирана, каде што од 2013 година се сместени околу 3.000 членови на МЕК.

Одредени извори, повикувајќи се на неодамнешни ирански удари врз цели на Кипар, тврдат дека Иран повеќе не се ограничува на одредена географска зона при таргетирање структури поврзани со неговите противници, туку го проширува опсегот на своите оперативни капацитети.

МЕК, основана во 1965 година, претставува иранско опозициско движење кое во минатото изведувало вооружени акции против режимот на шахот Мохамед Реза Пахлави, а подоцна влезе во отворен конфликт и со исламската власт предводена од ајатолахот Рухолах Хомеини. Организацијата во 1980-тите делуваше од Ирак со поддршка на режимот на Садам Хусеин, што и денес останува контроверзно прашање во иранската јавност.

Соединетите Американски Држави ја прогласија МЕК за терористичка организација во 1997 година, но во 2012 година ја отстранија од листата, наведувајќи дека групата се откажала од насилство и ги затворила своите паравоени кампови во Ирак.

Преселбата на организацијата во Албанија беше реализирана со поддршка на САД и Обединетите нации, по зголемените безбедносни закани за нејзините членови во Ирак по 2003 година.

Засега нема официјална реакција од албанските власти во врска со потенцијалните закани. Аналитичарите предупредуваат дека евентуален напад надвор од Блискиот Исток би претставувал сериозна ескалација и би можел да отвори ново безбедносно поглавје на европско тло.