
Двајца цивили се повредени во напад со ирански дронови во Азербејџан, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Според нивните информации, еден дрон ја погодил зградата на терминалот на аеродромот во автономната република Нахичеван, додека друг паднал во близина на училишна зграда во селото Шакарaбад.
Во нападот е оштетена зградата на аеродромот, а двајца цивили се повредени.
Министерството соопшти и дека иранскиот амбасадор е повикан на разговор, при што ќе му биде упатен силен протест и официјална протестна нота до Иран.
Проектили и дронови кои долетале од правец на Иран денеска паднале на подрачјето на аеродромот во азербејџанската енклава Нахичеван и во неговата околина, потврдил за „Ројтерс“ извор близок до азербејџанската влада.
Според истиот извор, по инцидентот избувнал пожар, а властите наскоро треба да излезат со официјално соопштение. Засега не е јасно колку точно проектили и/или дронови паднале во таа област.
Според првичните информации, во ударот на дронот во близина на аеродромот се повредени две лица. Уште еден дрон паднал недалеку од училиште.
На социјалните мрежи се појавија снимки од ударот на дрон во подрачјето на аеродромот во Нахичеван, кој се наоѓа на околу 10 километри од границата со Иран.
Нахичеван е азербејџанска ексклава одвоена од остатокот на земјата со територијата на Ерменија, а граничи со Иран и Турција.


