Skip to main content
Македонија

Ина Многуфина саркастично за случајот Кузмановски: „Јака казнава“ – системот полн дупки!

15/10/2025  16:12

Инфлуенсерката Ина Многуфина се огласи на Фејсбук по објавата дека разрешениот директор на Универзитетската клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, ќе плати парична казна од 500 евра за извршување медицинска дејност без лиценца.

„Јака казнава“, напиша Многуфина, коментирајќи ја одлуката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а потоа во подолг статус ја опиша институционалната конфузија што ја открила истрагата.

„Инаку, истрагата ги отвори следните дупки: иако немал лиценца и прегледувал, за што го казниле со пестофче, он имал важечки факсимил до 2028 од ФЗОМ. Е како, еве како — на ФЗОМ требало да им јави Клиниката која не им јавила дека човекот нема лиценца. Арно ама, ФЗОМ во ноември 2024 им пишала на Лекарска комора да се поврзат електронски околу лиценциве и Лекарска не им одговорила, попознато како seen“, напиша таа.

Многуфина додава дека и ДСЗИ, која има задача да проверува кој има, а кој нема лиценца, сега „повлекла црта“, и дека се чека Лекарската комора да се изјасни дали ќе му ја продолжи лиценцата на Кузмановски.

Во дел од статусот, таа се осврна и на реакциите во јавноста за скандалозното видео поради кое Кузмановски беше разрешен:
„Гледам кружи некој термин ‘момент на слабост’, што реално е можен само ако некој објасни како човекот знае што е чисто, а што не, уште пред моментот на слабост. Може на YouTube има гледано видеа, не знам. И за сите кои пробуваат да релативизираат за ‘наводното’ видео, да им објаснам дека во моментот кога докторот се извини го валидизираше видеото, така што нема наводно тука.“

Нејзиниот саркастичен статус предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, особено поради тоа што го отвора прашањето за институционалната одговорност и нефункционалната комуникација меѓу ФЗОМ, Лекарската комора и Клиниката за неврологија.