
Името на поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, се појавува во дел од новообјавените судски документи поврзани со случајот на осудениот американски финансиер и сексуален престапник Џефри Епштајн, кои ги објави Министерство за правда на САД. Информацијата ја пренесоа медиумите во Подгорица, повикувајќи се на Радио и телевизија на Црна Гора (RTCG).
Според објавените наводи, Ѓукановиќ се споменува во електронска преписка што Епштајн ја водел со поранешниот шеф на словачката дипломатија Мирослав Лајчак. Дел од пораките биле разменети во текот на 2018 година, а во нив Лајчак, меѓу другото, го спомнувал тогашниот црногорски претседател. Инаку, Лајчак во 2006 година бил специјален претставник на Европската Унија за спроведување на референдумот за независност на Црна Гора.
Во една од пораките, Лајчак напишал дека „претседателот на Црна Гора ја очекува нашата посета“, на што Епштајн, според документите, одговорил со коментар во кој го спомнал тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Понатамошната комуникација, како што објавуваат Vijesti и RTCG, вклучувала разговори за можна посета на Црна Гора, како и спомнување на поранешните соработници на Трамп Мајкл Коен и Пол Манафорт.
Во дел од пораките, Епштајн му испратил на Лајчак и линк од статија на „Њујорк тајмс“ за Црна Гора, со фотографија од Котор, на што Лајчак одговорил дека Црна Гора е „одлична“. Во друга порака, Епштајн го прашал дали Ѓукановиќ е претседател или премиер, а Лајчак му одговорил дека е претседател.
По објавувањето на преписката, Мирослав Лајчак во саботата поднесе оставка од функцијата советник на премиерот на Словачка. Набргу потоа, со реакција излезе и самиот Ѓукановиќ, кој категорично ги отфрли какви било поврзаности со Епштајн.
„Го информирам јавноста дека не го познавав Џефри Епштајн и никогаш немав директна или индиректна комуникација со него. Затоа не можам да сведочам ниту за автентичноста на објавените разговори, ниту за неговите евентуални посети на Црна Гора“, наведе Ѓукановиќ во објава на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека жали што не може да ги исполни очекувањата на дел од медиумите и да одговори на прашањето како Епштајн дошол до оценката дека „г-дин Ѓукановиќ е одлична личност“. „Доколку некој го сретне пред мене, нека го праша и нека ја информира јавноста за неговиот став“, напиша Ѓукановиќ.
Црногорските медиуми нагласуваат дека во објавените документи нема наводи дека Ѓукановиќ е предмет на истрага, туку неговото име се појавува исклучиво во контекст на комуникација меѓу други лица.
