
Во моментов нема никакво, ниту минимално отстапување од нормалните параметри за радиоактивност во воздухот, изјави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска. Таа посочи дека пожарот во Трубарево е ситуација со која првпат се соочуваат државата и граѓаните и, рече, „многу е важно да не се политизира и да не се прави паника“.
– Најважно е што сите институции, како што кажа министерот и од моите инфорамции, се веќе вклучени во целиот процес и работат според своите можности и заедно се координираме. Што се однесува до надлежноста на Институтот, ИЈЗ издаде одредени препораки. Да, тоа се општи препораки, но тие се во согласност со сите протоколи и со сите светски стандарди. Било кој институт во светот во ваква ситуација ќе ги издадеше истите препораки. И најодговорно тврдам дека доколку тие, колку и да изгледаат едноставни и обични, сепак доколку овие препораки се почитуваат, особено од граѓаните од ранливите групи, за лицата со хронични заболувања, со коморбидитети, бремените жени и децата, овие препораки можат да придонесат да немаме онакви здравствени проблеми какви што би можеле да имаме, изјави Андоновска пред Универзитетска клиника за токсикологија на прес-конференција со министерот за здравство Азир Алиу.