Skip to main content
Економија, Македонија

И подкупот поскапе, 50.000 евра стартна цена

20/03/2026  18:15

Нова корупциска афера ја потресе јавноста, откако полицијата го лиши од слобода директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој е осомничен дека примил поткуп во износ од 50.000 евра, како дел од вкупно побарани 100.000 евра.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за лице со иницијали В.А. (41) од Кочани, против кое е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради основано сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“.

Осомничениот, како службено лице и директор на Државниот инспекторат за земјоделство, ја злоупотребил својата позиција со цел стекнување противправна имотна корист. Според истрагата, тој преку посредник – шпедитер, побарал поткуп од сопственик на компанија која се занимава со увоз.

Случајот започнал кога на увозникот му било соопштено дека стоката не ги исполнува законските услови и дека не може да влезе во државата, иако претходно повеќепати била увезувана без проблем. Стоката со денови била задржана на граничен премин, што создало дополнителен притисок врз компанијата.

Во такви околности, осомничениот индиректно побарал 100.000 евра за да овозможи непречен увоз. Парите требало да бидат исплатени во три рати – 50.000 евра како прва рата и уште две по 25.000 евра.

На 19 март 2026 година била реализирана првата исплата. Оштетениот ги предал парите на шпедитерот, кој требало да биде посредник и да ги пренесе до осомничениот. По средбата и примопредавањето на средствата, полицијата презела оперативни мерки.

При преглед на возилото што го користел осомничениот, под совозачкото седиште биле пронајдени 50.000 евра, кои биле одземени како доказ. По ова, тој бил лишен од слобода.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека по спроведената предистражна постапка е донесена наредба за истрага. Според обвинителството, осомничениот директно побарал значителна имотна корист за себе, вршејќи притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока.

Иако на 13 март увозот бил одобрен на друг граничен премин, осомничениот продолжил со барањата за поткуп, и тоа не само за конкретниот случај, туку и за идни увози.

Официјално е прифатен предлогот на јавниот обвинител за определување мерка притвор во траење од 30 дена против В.А. Притворот е одреден по сите три основи – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото.

Овој случај доаѓа само неколку месеци по сличен скандал во земјоделскиот сектор, кога беше уапсен директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, исто така осомничен за примање поткуп од 50.000 евра.

Повторувањето на исти износи во вакви случаи отвора сериозни сомнежи дека корупцијата функционира по воспоставени неформални „тарифи“. Во јавноста сè почесто се поставува прашањето дали институциите се злоупотребуваат за лични интереси наместо да служат во јавен интерес.

Во меѓувреме, министерот за земјоделие Цветан Трипуновски најави дека од идната година ќе стапи на сила нов Закон за земјоделство и рурален развој, со кој се очекува поголем интерес кај младите за вклучување во секторот.

Сепак, ваквите случаи ја отвораат дилемата дали законските измени ќе бидат доволни за сузбивање на корупцијата, доколку таа остане длабоко вкоренета во институциите.