Skip to main content
Балкан, Хроника

Хрватска поднесе обвинение против македонски државјанин за меѓународен шверц на кокаин

13/05/2025  15:31

Поднесено е обвинение против 31-годишен државјанин на Македонија, осомничен за меѓународен шверц на кокаин. Како што соопшти хрватската Служба за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) завршена е истрагата и поднесено е обвинение до Окружниот суд во Осиек против државјанинот на Македонија, кој беше уапсен минатата година на граничниот премин „Бајаков“.

Според обвинението, од почетокот на 2021 година до ноември 2024 година, осомничениот поврзал неколку непознати лица со цел набавка, транспорт и препродажба на големи количини кокаин во Холандија, Чешка, Македонија и други земји.

Според тврдењата на обвинителството, осомничениот во Холандија најмалку три пати зел најмалку два килограми чист кокаин, кој потоа го скрил во автомобили и го транспортирал во Скопјe, каде што дрогата ја предавал на однапред договорени купувачи.

УСКОК се сомнева дека тој добил 5.000 евра за секоја испорака, со што остварил нелегална финансиска добивка од најмалку 15.000 евра.

Во ноември 2024 година, осомничениот презел три пакети со вкупно 2,9 килограми кокаин од Хаг, кои ги скрил во резервното тркало од багажникот на изнајмено возило.

На пат кон Македонија, каде што требало да ја достави дрогата до клиентите, тој ангажирал возач на кого не му ја открил содржината на пратката. Сепак, на 21 ноември 2024 година, на граничниот премин „Бајаково“, за време на граничната контрола и претресот на возилото, откриена и запленета е дрога, а шверцерот е уапсен.

Во обвинителниот акт, УСКОК предложи продолжување на притворот против обвинетиот, кој се товари за кривично дело неовластено производство и трговија со дрога, сторено како дел од злосторничко здружение.