
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка против 17-годишно дете во судир со законот, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство во обид, по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, малолетникот извршил семејно насилство во својот дом на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, при што со умисла се обидел да го лиши од живот својот татко.
Додека таткото бил во спалната соба, синот му пришол од зад грб и со остар предмет му нанел 10 убодни рани. Во близина била мајката, која успеала да интервенира и да го оттурне детето, по што веднаш повикала медицинска помош.
Таткото бил итно префрлен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ каде му бил извршен оперативен зафат, но и понатаму е во животно-загрозувачка состојба.
Со барањето за поведување подготвителна постапка, јавниот обвинител предложил на малолетникот да му биде определена мерка притвор, согласно Законот за правда за децата.