Skip to main content
Свет

Хаити уапси седуммина по смртоносното стампедо околу локалитет на културно наследство во кое загинаа 25 лица

14/04/2026  09:39

Властите во Хаити уапсија седум службеници по смртоносното стампедо во кое загинаа 25 лица во историска тврдина на северот од земјата, соопшти вчера полицијата.

Меѓу приведените се пет полицајци од северната општина Милот и двајца вработени во Националниот институт за заштита на наследството. Тие се приведени и испрашувани, соопшти националната полиција, без да ги прецизира обвинувањата.

Инцидентот се случил во саботата во Цитадел Лафериер во Милот, место на светското наследство на УНЕСКО. Апсењата следеле по посетата на местото на настанот од страна на специјална единица на криминалистичката полиција како дел од истрагата.

Голем број млади луѓе, вклучително и деца, се собрале на местото за настан за кој се тврди дека е промовиран на социјалните медиуми. Потоа пороен дожд предизвика паника, според извештаите на медиумите.

Повеќето жртви починале од задушување, изјави градоначалникот на Милот, Веснер Џозеф, за Мајами Хералд.

Владата прогласи тридневна национална жалост од денеска до четврток. Тврдината, изградена од поранешни робови, се смета за симбол на борбата на Хаити за слобода од француската колонијална власт.