
Две години пред Артан Груби да се појави на граничниот премин Блаце, безбедносните служби собирале информации поврзани со неговата безбедност, а до Обвинителството биле доставени класифицирани сознанија дека животот на поранешниот вицепремиер е загрозен.
Ова денеска го откри јавниот обвинител Даниел Коцев, еден од обвинителите кои го застапуваат обвинението за злоупотребите во АД „Државна лотарија“, откако беше одложено рочиштето на кое Груби се изјасни дека не се чувствува виновен.
Коцев за првпат подетално проговори за причините поради кои Обвинителството, по враќањето на Груби во Македонија по повеќе од 14 месеци бегство, не побара тој да остане во затворски притвор, туку се согласи со определување куќен притвор.
Според обвинителот, станувало збор за комплексни и класифицирани безбедносни информации добиени од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
Коцев потенцира дека информацијата не се однесувала само на тоа дали Груби би бил безбеден во затворот во Шутка, како што дел од јавноста го толкуваше случајот, туку на поширока проценка дека неговата безбедност е загрозена.
„Тоа не е информација дека не било безбедно во Шутка за Артан Груби, туку станува збор за многу комплексна информација која содржи информации за две години наназад. Тие информации беа класифицирани и се декласифицираа само за потребите на постапката“, изјави Коцев.
Информацијата до скопското Јавно обвинителство пристигнала преку Републичкото јавно обвинителство, каде претходно била доставена од МВР. Според Коцев, службите ја создавале безбедносната информација приближно две години.
Обвинителот посочи дека Обвинителството било должно да ги земе предвид сознанијата добиени од надлежните институции при одлучувањето каква мерка ќе побара за Груби.
„Замислете само да влезеше во притвор и да му се случеше нешто, а ние имавме информација дека му е загрозен животот. Во најмала рака ќе бевме разрешени, а за друго да не кажувам“, рече Коцев.
Тој додаде дека би сакал информацијата да може да биде објавена за јавноста да види колку се сериозни сознанијата, но поради нејзината природа не може да открие повеќе детали.
Груби во февруари годинава се појави на граничниот премин Блаце по повеќе од 14 месеци бегство. По влегувањето во земјата беше приведен и однесен во затворот во Шутка, но таму се задржа кратко. По распитот во Обвинителството му беше определен куќен притвор.
Токму ваквиот развој на настаните тогаш предизвика бројни реакции во јавноста. Обвинителството соопшти дека постојат информации за загрозена безбедност на Груби, но деталите од безбедносната проценка не беа објавени.
Денеска Груби првпат се изјасни за вината во судскиот процес за „Државна лотарија“.
Пред Основниот кривичен суд Скопје тој изјави дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
Покрај Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кому му се суди во отсуство, обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Сите присутни обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, додека Авдиу рече дека не го разбира обвинението и побара тоа писмено да му биде доставено на неговиот мајчин, албански јазик. Поради ова барање, судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски го одложи судењето за в петок.
Според обвинението што го застапуваат Коцев и обвинителот Александар Давчевски, во текот на 2023 и 2024 година обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ од 596.125.511 денари.
Обвинителството најавува обемна доказна постапка – 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци.
Коцев денеска проговори и за уште едно прашање што предизвика реакции – промената на правната квалификација на делото за кое се товари Груби.
Наместо за „проневера во службата“, за што е предвидена многу повисока затворска казна, Груби е обвинет за „злоупотреба на службената положба и овластување“, а постапката против него се води како скратена.
Обвинителот објасни дека квалификацијата била променета бидејќи во текот на предистражната постапка не биле обезбедени доволно докази со кои Обвинителството сметало дека може да докаже проневера во службата.
„Нам како јавни обвинители никој не ни дава право да поднесуваме обвиненија во зависност од тоа каква казна е пропишана за одредено кривично дело, туку треба да ги гледаме дејствијата што им се ставаат на товар“, изјави Коцев.
Одбраната на Груби, предводена од адвокатите Гоце Ристески и Владимир Доневски, тврди дека поранешниот вицепремиер е невин и најавува дека тоа ќе го докаже во текот на судската постапка. Обвинителството, пак, останува на ставот дека доказите со кои располага ќе го потврдат обвинението.


