Skip to main content
Балкан

Грција започнува итна модернизација на граничниот премин „Евзони“

26/05/2025  12:55

Грција започнува итна модернизација на граничниот премин Евзони со цел да се забрзаат пасошките и царинските контроли и значително да се скрати престојот на туристите што влегуваат и излегуваат од земјата, соопшти Националното здружение на туристички агенции на Србија.

Одлуката, како што е наведено на Инстаграм профилот на здружението, е донесена на проширен состанок што заеднички го свикаа заменик-министерот за внатрешни работи за регионот Македонија-Тракија, Константинос Гкулекас, и секретарот на Децентрализираната администрација на Македонија-Тракија, Јоанис Савас.

Во првата фаза ќе се зголеми бројот на службеници на преминот, што, како што беше истакнато на состанокот, е клучно за скратување на времето за обработка на патниците и верификација на податоците.

Граничниот премин Евзони е многу френквентен особено во летните месеци поради годишните одмори, со оглед дека Грција ја посетуваат голем број туристи од Македонија и Србија, и најчесто го користат овој граничен премин.