
Грчката полиција спроведе обемна операција во неколку региони на земјата и разби организирана криминална група вмешана во нелегално производство и трговија со тутунски производи. Во акцијата биле уапсени 26 лица, додека против уште 13 се поднесени пријави, меѓу нив и еден полициски службеник.
Операцијата се одвивала во Аттика, Магнисија, централна Грција и на островот Евија, при што биле откриени три целосно опремени нелегални фабрики за производство и пакување цигари, како и шест магацини. Запленети се над 14,4 милиони парчиња цигари и повеќе од 20 тони тутун, а штетата по државниот буџет се проценува на над седум милиони евра по основ на избегнати даноци и давачки.
Покрај тутунските производи, полицијата запленила и над 1,2 милиони евра во готовина, странска валута, златници, оружје, возила, камиони и техничка опрема. Според надлежните, криминалната организација делувала најмалку од 2018 година и имала развиена мрежа за дистрибуција на нелегалните цигари и во други европски земји, користејќи фалсификувани документи и регистарски таблички.
Од грчката полиција оценуваат дека станува збор за сериозен пример на модерен организиран криминал со јасна структура, долгорочно дејствување и меѓународни врски.


