
Граѓанин кој живее во непосредна близина на цементарницата Усје, на возраст од 61 година, вечерва од протестот упати јавен повик за масовно вклучување на граѓаните и иницирање референдум за дислокација на фабриката. Тој истакна дека состојбата со загадувањето е алармантна и дека повеќе нема простор за чекање и празни ветувања.

Протестот е најавен како мирен, но решителен, а граѓаните бараат итна дислокација на цементарницата со цел заштита на јавното здравје, особено здравјето на децата. Од иницијативата ја поздравија одлуката на Град Скопје да го откаже огнометот за централната новогодишна прослава поради загадениот воздух, оценувајќи ја како редок, но исправен чекор. Сепак, тие апелираа институциите да престанат со симболични мерки и сериозно да се зафатат со решавање на проблемот со загадувањето.

Активистите нагласија дека во изминатите месеци спроведувале детално истражување за работењето на фабриката Усје и дека наишле на сериозни индиции за проблеми кои, според нив, не се изолирани, туку се повторуваат и кај други фабрики на компанијата „Титан“ ширум светот.
„Она до што стигнавме како заклучок е дека ‘Титан’ е интернационална компанија која не првпат се соочува со вакви проблеми. Слични случаи има и во Америка и во Египет. Станува збор за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Ова е странски капитал и директори кои директно ги трујат нашите деца“, изјави активистот Петар Керамитчиев.
Граѓаните порачаа дека доколку институциите продолжат да молчат, протестите ќе стануваат сè помасовни и порадикални, сè додека не се донесе конкретна одлука за дислокација на фабриката и трајно решавање на проблемот со загадувањето.
