Skip to main content
Македонија

„Градење инклузивни училишни средини“ – бесплатни алатки за оценување на инклузивноста на училиштата

21/05/2025  09:34

Инклузијата претставува холистички пристап кон образованието, што подразбира создавање средина за учење која ги поддржува сите ученици, вклучително и оние со попреченост. Во срцето на инклузијата е верувањето дека секој ученик има право на квалитетно образование и социјална инклузија во редовна училишна средина.

Ова вклучува прилагодување на наставните методи, материјалите и дидактичката средина
на начин што ќе му овозможи на секој ученик да успее, а со тоа ќе обезбеди и повеќе можности за квалитетна социјална инклузија.

Проектот од Еразмус+ програмата, насловен како Градење инклузивни училишни средини (BLISS), е создаден како одговор на прашањата: Колку е инклузивно училиштето? Кое е неговото ниво на инклузивност? Колку е отворено училиштето за различноси и најмногу од сè, каде и кои подобрувања можат да се направат?

Проектот воспостави стратешко партнерство помеѓу три водечки институции во областа на
образованието на ученици со попреченост од три различни земји, сите со големо професионално знаење и децениска традиција во образованието на деца и млади со попреченост.

Партнерите во проектот се ОУРЦ „д-р Златан Сремец“, од Скопјe, Северна Македонија, ШOСO „Милан Петровиќ“ од Нови Сад, Србија и Центарот Јанез Левец, од Љубљана, Словенија како лидер на проектот.

Во текот на тригодишниот проект, партнерите сеопфатно го истражија прашањето: Што
всушност значи да се биде инклузивен? Во потрага по одговори, систематски развивавме сеопфатни алатки за самоевалуација кои им овозможуваат на училиштата да добијат длабински увид во сопствената инклузивна ориентација. Алатките (прашалници за родители, персоналот од училиштата, учениците и раководството на училиштата) беа тестирани во 12 основни училишта и училишта со ресурсни центри. Како дополнителна алатка беа креирани насоки за спроведување фокус групи кои подлабински ќе го истражуваат прашањето на инклузија, информираат од програмата.

„Резултатот од нашата работа е сеопфатен прирачник за самоевалуација насловен „На
патот кон инклузивно училиште и општество“ – прирачник за проценка и развој на
инклузивно училиште. Овој прирачник се базира на докажаниот модел на Инклузивен
индекс (Booth & Ainscow), кој го збогативме со автентични искуства и идентификуваните
потреби од различни училишни средини и го редизајниравме за практична и ефикасна употреба во Северна Македонија и пошироко“, велат од „Златан Сремец“.

Во случајот на Северна Македонија, ова е првиот сеопфатен документ од ваков вид.
Дополнително е креирана е онлине алатка – Калкулатор на инклузивниот индекс, преку
кој училиштата ќе можат автоматски да го пресметаат своето ниво на инклузија и да
добијат конкретни насоки за подобрување на состојбата.