
Градот Скопје продолжува со интензивни активности насочени кон обновување на јавните површини и подобрување на урбаниот амбиент. Во фокусот е враќањето на достоинствениот изглед на централното градско подрачје, со посебен акцент на местата што со години беа занемарени и оставени без основно одржување. Со засилен ангажман и координација на сите градски служби, започнати се интервенции со кои се враќа функционалноста, безбедноста и убавината на просторот што секојдневно го користат илјадници граѓани и посетители.
– Деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот. Го средуваме она што со години беше запоставено, а требаше да се одржува секојдневно, затоа што Скопје го заслужува најдоброто. На плоштадот „Македонија” се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време беа оставени на забот на времето повторно ги враќаме во функција, а пристапните патеки конечно ќе престанат да бидат предизвик и мачнина за граѓаните. Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации. Го правиме тоа за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град, се вели во објавата на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

