Skip to main content
Скопје

Град Скопје со интервенција на „Пластичарска“ и на „Зимзоленд“

11/12/2025  17:58

Градот Скопје денеска спроведе обемна и координирана акција со цел воспоставување ред, контрола и почитување на законските прописи на јавните простори низ целата територија на градот. 

Во акцијата учествуваа градскиот инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи, а активностите беа насочени кон отстранување на нередот и незаконското делување, на „Пластичарска” и на Зимзоленд.

Притоа беа преземени конкретни мерки, изречени прекршочни казни и констатирани неправилности, со јасна заложба дека јавниот простор мора да биде заштитен, уреден и достапен за сите граѓани.

Во прилог објавата на социјални мрежи на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски:

Се воспоставува ред на „Пластичарска”,  се постапува и на Зимзоленд

Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. 

 Изречени се повеќе од 20 казни.

Како што најавив, така и постапуваме. 

Нема отстапки, нема компромиси со хаосот. 

Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот што им припаѓа на скопјани, го попречуваат движењето и го нарушуваат јавниот ред. 

Скопје мора да биде град во кој владеат правила, а не самоволието.

Вработените од ЈП „Градски паркинг” ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска”.

 По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. 

Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. 

Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект.

 Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.

Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор. 

 Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење.

Редот е обврска. И ние ја исполнуваме.