
Пречистителната станица за отпадни води е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија. Станува збор за комплексен инфраструктурен зафат кој опфаќа изградба на околу 60 објекти и кој ќе донесе историска промена во заштитата на реката Вардар, животната средина и здравјето на граѓаните.
По првичниот застој, предизвикан од незавршени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, нерешена експропријација на земјиштето и задоцнети плаќања кон изведувачот, денес изградбата се одвива со забрзана динамика и во согласност со предвидениот работен план.
Речиси 40 проценти од градежните работи веќе се завршени.
„Пречистителната станица е нашиот најголем еколошки штит и проект од историско значење за Скопје. Со нејзината изградба ќе ставиме крај на долгогодишното загадување на Вардар со непречистени отпадни води и ќе создадеме поздрава и побезбедна животна средина за сегашните и за идните генерации”, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Согласно договорот склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација” – Скопје и изведувачот, завршувањето на градежните активности е предвидено во првата половина на 2028 година. Потоа ќе следуваат две години пробна работа, која треба да заврши во првата половина на 2030 година.


