Skip to main content
Македонија

Ѓорѓиевски најави расчистување со дивопоставените објекти

15/09/2026  21:13

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ испрати порака дека Градот ќе продолжи со воведување ред во однос на дивопоставените привремени објекти долж скопските булевари.

Ѓорѓиевски посочи дека дел од овие објекти со децении функционираат без соодветни дозволи за поставување урбана опрема, а според него, проблем претставува и исполнувањето на санитарните и безбедносните услови, особено на локациите каде што се подготвува и продава храна.

Тој нагласи дека е свесен оти зад секој објект има луѓе и семејства кои од таа дејност обезбедуваат егзистенција, но смета дека тоа не може да биде оправдување за непочитување на прописите.

Како приоритет го посочи здравјето и безбедноста на граѓаните, особено на младите кои секојдневно купуваат храна од вакви објекти.

Ѓорѓиевски порача дека е подготвен да ја плати и политичката цена за ваквиот пристап, доколку тоа е потребно за воведување ред во градот.

Според него, дури и ризикот да загуби политичка популарност или иден градоначалнички мандат нема да го поколеба во намерата да се спречи, како што го опиша, хаосот на скопските булевари.

Главната цел, нагласи Ѓорѓиевски, е воспоставување систем во кој законите и правилата ќе важат за сите, а јавниот простор ќе биде безбеден и функционален.

Тој порача дека одлуките што се носат денес не треба да се гледаат само низ политичката цена, туку и низ одговорноста за тоа каков град ќе им биде оставен на идните генерации.