
Градскиот воз треба да добие дополнителни краци со кои железнички ќе се поврзат повеќе делови од Скопје, а меѓу позначајните планови е и воспоставување железничка врска со скопскиот аеродром кај Петровец. Ова го најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ѓорѓиевски посочи дека постојната железничка инфраструктура треба многу повеќе да се искористи како алтернатива на автомобилскиот и автобускиот превоз.
Говорејќи и од лично искуство, тој потсети дека потекнува од Драчево и дека како ученик го користел возот за движење кон централното градско подрачје.
„Од Драчево до Центар се стигнува за седум-осум минути. Многумина се сомневаа во тоа, но тие што го користат знаат дека е така“, рече Ѓорѓиевски.
Првата фаза од планот, според градоначалникот, предвидува железничко поврзување на Зелениково со Скопје. На трасата се предвидени станици кај Драчево и Лисиче, како и подготовка на железничка станица кај населбата 11 Октомври – Бараки, додека крајната точка ќе биде Транспортниот центар во Скопје.
Со тоа, жителите од овој дел на Скопје и околината би добиле дополнителна можност за брзо патување до центарот без користење автомобил или автобус.
„Ние треба да имаме алтернатива на автомобилите, не само една, туку повеќе алтернативи, ако сакаме граѓаните навистина да работат заедно со нас за создавање еколошки град“, истакна Ѓорѓиевски.
Еден од следните чекори што ги најави градоначалникот е железничко поврзување на Скопје со аеродромот кај Петровец.
Според Ѓорѓиевски, дел од потребната железничка инфраструктура веќе постои до Миладиновци, а идејата е таа да биде продолжена кон аеродромот.
„Зошто да не ја искористиме инфраструктурата која ја имаме? Кон аеродромот Петровец имаме дел од инфраструктурата до Миладиновци, која треба да се продолжи“, рече тој.
Ваквото поврзување, според градоначалникот, би било значајно и за туристите и странските посетители, особено во пресрет на 2028 година, кога Скопје треба да ја носи титулата Европска престолнина на културата.
Плановите не завршуваат со јужниот и источниот дел на Скопје. Ѓорѓиевски најави и нов железнички крак од Транспортниот центар кон Скопје Север, како и поврзување со Ѓорче Петров.
„На тој начин правиме краци на главниот град“, рече Ѓорѓиевски.
Паралелно со развојот на градскиот железнички превоз, планот предвидува и подобро усогласување со автобускиот сообраќај.
Идејата е автобусите на ЈСП, приватните превозници и новите автобуси да бидат организирани така што ќе овозможат полесно и побрзо поврзување на патниците со железничките станици.
Со реализацијата на најавените фази, железницата треба да стане една од алтернативите на автомобилскиот превоз и дел од поширокиот систем на јавен транспорт во главниот град.


