
Денес, во општина Кисела Вода свечено беше поставена новата биста на народниот херој Цветан Димов, на локација спроти општинскиот објект. Претходното спомен-обележје, кое се наоѓаше во рамките на истоимената урбана заедница, со години беше во лоша состојба поради негрижа и оштетувања.
По иницијатива на жителите и со поддршка од Општината, изработена е нова биста, со што се оддава заслужено признание на овој значаен херој, а историската меморија добива повидливо и достојно место, информираа од Општина Кисела Вода.
„Нашите херои не се само имиња во учебниците, тие се сведоци на историјата, втемелени во нашата слобода и иднина. Со новата биста на Цветан Димов, поставена на ова видно место, и соодветно оддаваме почит кон неговата жртва, но и создававме услови многу повеќе луѓе, особено младите, да ја запознаат неговата приказна. Историјата е најсилна кога е пред очите на граѓаните, а нашата задача е да ја зачуваме и пренесеме на генерациите што доаѓаат,“ изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.