
Градот Скопје најави дека празничниот дух годинава повторно ќе се врати на плоштадот „Македонија“, каде со свечена програма, музика и богати содржини ќе биде означен почетокот на новогодишните и божиќните прослави во главниот град. Настанот е закажан за 15 декември, во 18 часот, а организаторите најавуваат бројни изненадувања за посетители од сите возрасти.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упати покана до сите граѓани да присуствуваат на заедничкото „осветлување“ на градот, нагласувајќи дека празниците се време кога Скопје повторно заблескува со радост, солидарност и заедништво.
„Нашиот град е најубав кога свети од насмевки и празнична магија. Сите ја заслужуваме топлината што ја носат празниците. Затоа со огромна радост ве поканувам да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика и подароци, како и омилените херои што ќе ги израдуваат најмалите“, порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави дека веќе од 16 декември ќе почнат секојдневни настани и активности, кои ќе траат до самата Нова година. Според него, новогодишната ноќ ќе донесе спектакуларен дочек што, како што вели, „Скопје долго ќе го памети“.
Градот Скопје ги повикува сите граѓани да се приклучат на отворањето на празничната сезона и да ја споделат најубавата празнична енергија на плоштадот „Македонија“.

