
Инспекциските контроли на периферијата Атика откриле расипано месо и нехигиенски услови во повеќе објекти, при што биле запленети 12 тони небезбедна храна, констатирани 628 прекршоци и изречени казни во висина од 324.400 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од регионалната администрација информираат дека во периодот од 1 до 29 декември инспекторите извршиле 4.585 пазарни и санитарни контроли, опфатени биле компании за дистрибуција на месо, овошје и зеленчук, супермаркети, пазари, продавници за млечни производи, живинарски фарми, продавници за играчки, бензински пумпи и угостителски објекти.
Вкупно биле запленети 12 тони расипано месо и месни производи, како и храна од растително потекло, а спроведена е и предвидената постапка за изрекување казни. Префектот на периферијата Атика, Никос Хардаљас, истакна дека нема да дозволат „опасни игри ниту со здравјето, ниту со џебот на граѓаните“, и додаде дека инспекторите се присутни на терен и за време на празниците, „внимателно следејќи ја дистрибуцијата на производите и почитувањето на сите законски прописи“.

