
Ракометарите на Охрид ја продолжија победничката низа и попладнево во првото финале од ЕХФ Европскиот куп го совладаа тимот на Татабања со 29:28.
Ракометарите на Охрид доминираа во првиот дел, не му дозволија на домаќинот 16 минути да постигне гол, стекнаа предност од шест гола (11:5), Татабања врати со серија од три гола, а на паузата македонскиот тим имаше големи пет гола предност.
На стартот од вториот дел Татабања, повторно со три гола во низа ја намали разликата на три и во еден таков ритам се играше до 46-та минута. Ракометарите на Охрид му дозволија на противникот, со своите грешки, да фати ритам во нападот, а судиите од Молдавија донесоа неколку дискутабилни одлуки во полза на Татабања.
Сето ова придонесе Татабања во претпоследната минута прв пат да имаат водство 28:27. Сепак во финишот, Иванковиќ изедначи, Пилиповиќ се истакна со брилијантна интервенција, а потоа Ѓукиќ на три секунди до крајот го постави конечниот резултат.
Најефикасни во редовите на ГРК Охрид беа Иванковиќ и Ѓукиќ со по седум гола, пет гола, сите во вториот дел постигна Лијапис, а голманот Пилиповиќ забележа 10 одбрани.
Реванш дуелот се игра во недела во Охрид на 31.мај со почеток во 20 часот.


