
Славјанка Петровска, пратеник во Собрание на Република Северна Македонија од СДСМ, преку објава на социјалните мрежи испрати силна порака за значењето на Гоце Делчев, но и за состојбите во партијата.
Во својот статус, Петровска нагласува дека Гоце Делчев не е само историска личност од минатото, туку „жива морална и национална вертикала“ врз која се темели македонската државотворна свест.
„Неговиот лик и неговото дело се длабоко вградени во колективната меморија на македонскиот народ, во нашата борба за слобода, правда и самобитност“, наведува таа.
Петровска потсетува дека СДСМ е партија која својата политичка и идеолошка традиција ја гради врз темелите на АСНОМ, антифашистичката борба и определбата за заштита на македонскиот идентитет, јазик и историска посебност.
Според неа, тие вредности не смеат да бидат предмет на компромис, ниту да се доведуваат во прашање од било која позиција во рамки на партиските органи.
„Не е доволно само декларативно да се повикуваме на нашите историски корени, ако во пракса не покажуваме доследност кон нив“, пишува Петровска.
Таа истакнува дека како член на СДСМ и како почитувач на темелните вредности се оградува од секоја помисла за доведување во прашање на значењето на Гоце Делчев и неговиот придонес за слободата.
„Почитта кон Гоце Делчев не е прашање на дневна политика. Таа е прашање на достоинство, историска свест и одговорност кон генерациите што доаѓаат“, наведува пратеничката.
На крајот од пораката, Петровска испрати и директно предупредување до својата партија:
„Ако не се промениме, ќе исчезнеме!“

