
Се презакажува мнифестацијата „Глумците пеат“ и наместо на 8 и 9 април како што првично беше предвидено, ќе се одржи на 8 и 9 јуни во Македонскиот народен театар (МНТ).
Како што наведуваат од продукцијата, одложувањето е поради трагедијата во Кочани.
За сите кои нема да бидат во можност да присуствуваат на 8 и 9 јуни, возможна е рефундација на влезниците на продажните места каде што се купени во периодот од 28 март до 10 април. За МНТ ќе треба да се обратат на билетарницата на МНТ, а за МкТикетс треба да се испрати барање на stefan@password.mk за рефундација.
– Тие во трагедијата изгубија член од тимот, односно придружниот вокал Сара Пројковска, додека вториот придружен вокал, Ана Костадиновска е повредена. Трагедијата сите не погоди и од почит кон жртвите и повредените, но и кон целата нација која тагува, одлучивме да го одложиме шоуто. Сцената е место за радост, смеа и песна, а нам во овој период навистина не ни е до тоа. Се надеваме дека нашата верна публика ќе има разбирање за оваа одлука, велат организаторите.
Првата престава зa 8 јуни е распродадена, додека за втората на 9 јуни има се уште карти онлајн на платформата www.mktickets.mk.
Режисер на шоуто и годинава е Дејан Пројковски, а диригент на биг бендот е Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Манифестацијата „Глумците пеат“, чиј идеен творец е актерот Марин Бабиќ, кој почина во 2022 година, првпат била организирана во 1992 година во чест на Светскиот ден на театарот и се организирала се до 2006 година. По неговата смрт, неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ, по 17 години пауза повторно го враќаат на сцената, публиката и актерите.