
Германија и нејзините сојузници работат на деталите за безбедносни гаранции за Украина, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус, јави ДПА.
„Се уште не е сигурно каков точно ќе биде придонесот на Германија кон безбедносните гаранции и тој мора да се утврди и од политичка и од воена перспектива“, рече Писториус.
„Прво ќе мора да го земеме предвид напредокот во преговорите, потоа евентуалниот придонес од САД и конечно консултациите со нашите најблиски партнери“, додаде тој.
Во текот на викендот, прашањето дали Германија би можела да испрати војници како дел од мировни сили во Украина почна се повеќе да се дискутира. Безбедносните гаранции против понатамошни руски напади се сметаат за клучен услов Украина да направи отстапки во преговорите.
Германската влада е свесна за својата одговорност во Европа во моментов, рече Писториус. Германија сега е втор најголем поддржувач на Украина, предводејќи го патот во поддршката за воздушна одбрана и преземајќи политичка одговорност, нагласи тој.
Писториус, исто така, го спомена придонесот на Германија во купувањето американско оружје за Украина и обуката на над 21.000 украински војници.
„Во моментов е јасно дека ни е потребна силна Украина за да може да дејствува со доверба во овие тешки преговори. Само на овој начин сегашниот процес може да доведе до трајно и праведно мирно решение“, додаде тој.