
Општина Центар го одржа вториот буџетски форум, каде граѓаните покажаа голем интерес и активно учествуваа во дефинирањето на приоритетите за 2026 година. Форумот, што се одржа во ООУ „Димитар Миладинов”, помина во конструктивна атмосфера со отворена дискусија меѓу администрацијата, раководството на општината, советниците и присутните жители.
Граѓаните предлагаа иницијативи и проекти што им се потребни во секојдневието, што уште еднаш потврдува дека буџетот се гради транспарентно, отчетно и со директно учество на заедницата.
„Гласот на граѓаните и нивните потреби се важни. Тие најдобро знаат што недостига во нивните маала. Нашата работа е да го слушаме секој предлог и да го преточиме во реални проекти”, истакна градоначалникот Горан Герасимовски, кој пред присутните презентираше што е реализирано во 2025 и плановите за наредната година.
На работните маси поделени по сектори, граѓаните доставија свои предлози и барања. Во комуналната сфера се дискутираше за хортикултурно и партерно уредување на просторот кај Зелен пазар, санација на подземните гаражи, зголемување и подобро одржување на зелените површини и збогатување на населбите со урбана опрема.
Во областа на образованието беа истакнати потребите за реконструкција на училишните дворови, санација на покриви каде што има протекувања и поставување лифтови во училиштата каде што има реална потреба за подобра пристапност.
Во културата, пак, беа предложени интерактивни аудиовизуелни проекти за ученици, мобилни галерии, скулптурни инсталации и активности со кои се поттикнува креативноста и се збогатува јавниот простор.
Дополнително, дел од управителите побараа санирање на фасадите, по што општинската администрација информира дека во Буџетот на Општина Центар се предвидени субвенции за нивна обнова. Поддршката изнесува 30%, а секоја станбена заедница може да аплицира за финансиска поддршка до 1.000.000 денари, поднесена од заедницата на станари или од мнозинството сопственици.
Жителите околу Зелен пазар го отворија и прашањето за дивите пазарџии, за што градоначалникот посочи дека е потребна засилена инспекција, но и заедничка и координирана акција на повеќе институции, меѓу кои и МВР и Државен Пазарен Инспекторат, за трајно решавање на проблемот.
Форумите, заедно со анкетниот прашалник, се најважните механизми преку кои Општина Центар ги идентификува потребите на граѓаните, обезбедувајќи секој предлог да биде разгледан и да се креира буџет што ги одразува реалните приоритети на заедницата.

