
Кај еден од најголемите детални урбанистички планови во Општина Центар, параметрите се трипати повисоки од предвидените со важечкиот Генерален урбанистички план на Скопје. Ова го изјави градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочувајќи дека неусогласеноста меѓу урбанистичките документи е проблем во повеќе скопски општини.
Според Герасимовски, доцнењето со донесувањето нов Генерален урбанистички план дополнително го отежнува усогласувањето на деталните планови и планирањето на просторот.
„Не само во Општина Центар, туку на ниво на целиот град, голем број детални урбанистички планови отстапуваат од бројките на Генералниот урбанистички план, бидејќи Град Скопје со години доцни со неговото донесување“, истакна тој.
Како пример посочи еден од најголемите детални урбанистички планови во Центар, за кој наведе дека претходно бил поништен од судовите.
„Кај тој детален урбанистички план бројките се трипати надминати во однос на Генералниот урбанистички план. Тоа е еден од најголемите детални планови во општината, а можеби и пошироко“, рече Герасимовски.
Градоначалникот предупреди дека неусогласените планови создаваат тешкотии во урбанистичкиот развој, особено во густо населените делови на Скопје. Во тие подрачја, новите градби влијаат врз оптоварувањето на инфраструктурата, сообраќајот и условите за живот на граѓаните.
Според него, потребни се навремено усогласување на урбанистичките документи и координација меѓу Град Скопје и општините.

Герасимовски додаде дека нема прецизна информација кога ќе биде донесен новиот Генерален урбанистички план, што дополнително го усложнува постапувањето со деталните планови.

