Skip to main content
Скопје

Ѓеорѓиевски: Кисела Вода доби модерен затворен базен

28/07/2025  15:45

Со свечено отворање во кругот на основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, денес во општина Кисела Вода беше пуштен во употреба нов, модерен и затворен базен. Градоначалникот Орце Ѓеорѓиевски во своето обраќање истакна дека станува збор за капитален проект кој започна уште во 2019 година, но конечно доби завршница благодарение на заедничката акција на Владата, Министерството за спорт и Општина Кисела Вода.

„Овој базен е доказ дека кога има визија, јасна цел и искрена институционална соработка, дури и одамна заборавените проекти добиваат живот“, напиша Ѓеорѓиевски на својот официјален Фејсбук профил.

Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката и разбирањето на важноста на инвестициите во спортот, како и до министерот за спорт Борко Ристовски, за како што рече, препознавањето и реализацијата на вистинските приоритети.

Базенот ќе биде на располагање и за наставниот процес во училиштето, но и за спортски клубови, спортисти, млади и семејства од целата општина. Ѓеорѓиевски потенцираше дека во изминатите четири години општината вложила во девет спортско-рекреативни центри, спортски сали и терени, со цел младите да се вратат кон спортот и здравите животни навики.

Дополнително, градоначалникот најави дека активно се работи и на реконструкција на спортската сала „Расадник“ – првиот дом на РК Вардар, која претставува симбол на спортскиот дух на Кисела Вода и на Скопје.

„Кисела Вода се враќа како важна точка на спортската мапа на Скопје. Продолжуваме со уште поголема енергија и посветеност“, заклучи Ѓеорѓиевски.