
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, денеска информираше дека во текот на денешниот ден се потпишани вкупно 1.032 решенија за данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и решенија за комунална такса за фирмарина.
„Ова е јасен показател дека институциите работат со динамика која им доликува на граѓаните. Станува збор за предмети од сите правни основи, за кои отсега ќе стане пракса да се изработуваат со забрзано и уредно темпо. Овие готови решенија во најкраток можен рок ќе бидат дистрибуирани до даночните обврзници“, напиша Ѓеорѓиевски на својата Фејсбук страница.
Тој истакна дека од овој момент ниту едно решение без правен спор нема да заглавува во административни лавиринти. „Го враќаме редот, одговорноста и навременото постапување. Граѓаните мора да ги добиваат услугите тогаш кога им се потребни. Тоа е принцип од кој нема отстапување, исто како што беше ветено во мојата изборна програма“, додаде градоначалникот.
Ѓеорѓиевски исто така апелираше до сите физички и правни лица да ги исполнуваат своите обврски кон Градот навремено и одговорно. „Време е сите да дадеме свој придонес. Заедно, да го придвижиме Скопје напред“, порача градоначалникот.
Овој потег е дел од сериозните напори на Град Скопје за зголемување на приходите и обезбедување навремено подмирување на обврските во интерес на сите граѓани.

