Општина Кисела Вода денес започна со акција за генерално чистење на јавните површини, улиците и парковите на своја територија, со цел да обезбеди почиста и поздрав животен амбиент за граѓаните. Активностите започнаа од населбата Цветан Димов и во наредниот период ќе бидат опфатени сите 15 населби и населени места во општината, извести општината.
Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини. Се мете и рачно, но и со новите метларки кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Се перат плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, се санира и несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните простори. Во овој контекст Општина Кисела Вода најавува дека за околу две седмици ќе организира нова акција за бесплатно подигнување на кабаст отпад, кој потоа ќе биде соодветно складиран на депонија. За оваа активност граѓаните ќе бидат дополнително известени, велат од општина Кисела Вода.
-Обезбедувањето на чиста и здрава средина за граѓаните е наш врвен приоритет. Денес започнавме со темелно чистење на улиците, парковите и јавните површини, а овој процес ќе се спроведува низ целата општина во наредниот период. Со новонабавените метларки и со ангажманот на нашите сезонските работници, Кисела Вода станува почисто и поуредено место за живеење. Истовремено, апелираме до граѓаните да покажат поголема свест и одговорност во одржувањето на хигиената во нашите населби. За оние кои имаат потреба од отстранување на кабаст отпад, општината во наредните две недели ќе организира специјална акција за негово бесплатно подигнување. Остануваме посветени на создавање на уредна и еколошки одржлива општина- изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
По денешната акција во населба Цветан Димов, утре активностите продолжуваат во населба Драчево, во четврток во Расадник и 11 Октомври Згради, а следната недела акцијата ќе продолжи и во сите останати месни и урбани заедници согласно веќе изготвениот динамички план, се додава во соопштението на општината.