
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во видео-обраќање до членството информира дека во тек е генерален реизбор на претседатели на 76 Општинските комитети, на претседател на Унијата на Ветерани, на Унијата на жени и на Унијата на млади сили, порачувајќи дека вратите се отворени за секој кој има визија и храброст да делува во организацијата, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ е жива структура, која константно расте, се надоградува и развива.
ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија затоа што е отворена за нови идеи и нова енергија.
И токму затоа, на првата седница на Извршниот комитет донесена е одлука за генерален реизбор на претседатели на 76 Општинските комитети, на претседател на Унијата на Ветерани, на Унијата на жени и на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е шанса и можност за илјадници членови и активисти на партијата кои имаат визија, цел, знаење да допринесат кон развојот на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија.
Потребни се луѓе со интегритет, кои ќе обединуваат, кои ќе го сплотат членството и кои одговорно и посветено ќе придонесат во креирањето на политиките. Политики кои значат подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
На овој повик можат да се пријават сите граѓани кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ најдоцна до 19ти февруари, а јавниот повик е објавен на сајтот на ВМРО-ДПМНЕ“ порача Ковачки.

