
„Со укинување на законот што забрануваше изградба на нуклеарни централи, отворивме врата за разгледување на нуклеарната енергија како потенцијален извор на базна енергија во процесот на декарбонизација, а моментално сме во првата фаза од развојот на нуклеарната програма“, изјави денеска српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа додаде дека на почетокот на годината е испратено барање до Француската агенција за развој (AfD) за грантови со кои би се финансирале дополнителни студии поврзани со првата фаза од домашната нуклеарна програма.
По средбата со амбасадорката на Франција во Србија, Флоренс Ферари, и делегацијата на „Француската електроенергетска компанија“ (EDF – Électricité de France), таа изјави дека очекува континуираната соработка меѓу министерството и таа компанија да биде формализирана во март оваа година.
Еден од клучните чекори во тој процес е воспоставувањето на Националниот орган за имплементација на програмата за нуклеарна енергија (NEPIO), во согласност со препораките на Меѓународната агенција за атомска енергија. Формирањето на тоа тело, што ќе служи како централен координативен субјект, се очекува до крајот на февруари.
„Моментално сме во првата фаза од развојот на нуклеарната програма… Србија е на раскрсница кога станува збор за планирање на иднината на енергетскиот сектор. Приоритет е да се донесат одговорни одлуки што ќе обезбедат стабилност во наредните децении, во согласност со усвоената Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, со проекции до 2050 година“, изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Претставниците на EDF изјавија дека во рамките на прелиминарната студија, што е подготвена во соработка со српски експерти, се идентификувани 19 клучни чекори според стандардите на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Меморандумот за разбирање меѓу Владата на Србија и EDF за воспоставување рамка за долгорочен дијалог и соработка во областа на енергетската транзиција и технологијата со ниски јаглеродни емисии беше потпишан во 2024 година.


