Skip to main content
Македонија

Гаши утре во Софија на средба со претседателката на бугарскиот парламент

22/06/2026  16:09

Претседателот на Собранието Африм Гаши утре ќе престојува во Софија, каде што на маргините на конференцијата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) ќе оствари билатерална средба со претседателката на бугарскиот парламент Михаела Милчева-Доцова.

На денешниот брифинг со новинарите, Гаши изјави дека разговорите ќе бидат насочени пред сè кон унапредување на парламентарната соработка меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи дека во изминатиот период недостасувала поинтензивна комуникација меѓу двата законодавни дома.

„Треба да разговараме, треба да одиме напред, да најдеме начин како да бидеме заедно во Европската Унија. Мислам дека иднината треба да нè спојува, а не минатото, така што одам со позитивна мисла и сакам да учествувам во подобрување на односите помеѓу нашите две држави и два парламенти“, рече Гаши.

Во однос на уставните измени, претседателот на Собранието најави дека ќе ги повтори веќе познатите ставови на актуелното државно раководство, нагласувајќи дека тие се и негов личен став.

Гаши посочи дека слабата парламентарна комуникација во изминатите години била последица на честите изборни циклуси и политичката нестабилност во Бугарија, но дека со новиот состав на Народното собрание постои можност за воспоставување подобра и подиректна соработка.

„Сега се трудиме со новиот состав, после парламентарните избори таму да воспоставиме добра комуникација“, изјави тој.

Средбата доаѓа само неколку дена по посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Самитот на ПСЈИЕ во Софија. По разговорите со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, Сиљановска-Давкова изјави дека станало јасно оти покрај уставните измени, Бугарија има и дополнителни барања поврзани со протоколите од Договорот за добрососедство и работата на Заедничката историска комисија.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски повторно ги истакна, како што рече, „црвените линии“ на Македонија во однос на спорот со Бугарија, нагласувајќи дека државата останува посветена на европската интеграција, но без отстапки кога станува збор за македонскиот идентитет, јазик и култура.

Посетата на Гаши на Софија се случува во период кога односите меѓу двете земји повторно се во фокусот, по усвојувањето на Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент и продолжувањето на дебатата околу условите за отворање на пристапните преговори со Европската Унија.