Skip to main content
Македонија

ФЗО: Буџетот достигна 836 милони евра, скок на транспарентноста минатата година

05/05/2026  14:49

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска ги презентираше клучните резултати за 2025 година кои опфаќаат зголемување на буџетот на институцијата за 6,13 отсто, зголемување на капитацискиот бод на матичните лекари за 33 отсто и рангирање на прво место според транспарентност меѓу државните институции.

ОСИГУРЕНИЦИ

Фондот во 2025 година опфаќа вкупно 1.841.530 осигурени лица, зголемување за 1.993 нови лица. Структурата вклучува 558.469 активни работници, 358.716 пензионери и 630.914 членови на семејства. Трендот на стареење на осигурената популација е евидентен — пензионерите растат побрзо (+1,5%) отколку активните работници (+0,2%).

ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТИ

Буџетот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за 2025 година достигна 51,5 милијарди денари (приближно 836 милиони евра), со годишен пораст од 6,13% во споредба со претходната година. Приходите изнесуваат 52,08 милијарди денари, додека расходите се 51,49 милијарди денари. Здравствените услуги апсорбираат 86,4% од вкупните расходи — 44,5 милијарди денари (приближно 723 милиони евра).

Во петгодишниот период 2021–2025, буџетот на ФЗО нарасна од 35,5 на 51,5 милијарди денари, со просечен годишен раст од речиси 8%. Во регионален контекст, со 4,95% од БДП или 5,31% со вклучено МЗ, Македонија се наоѓа во средината на листата на јавни здравствени расходи во Југоисточна Европа.

ПРИМАРНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

Во април 2025 година, капитациониот бод за матичните лекари е зголемен од 75 на 100 денари — пораст од 33%, кој претставува највисокото зголемување во последната деценија. Ова е насочено кон подобрување на одржливоста и задржување на лекарите. Во системот работат 1.495 матични лекари, кои обезбедуваат покриеност од 0,81 лекар на 1.000 осигуреници.

Капитациониот бод за гинеколозите е зголемен на исто ниво (+33%), а за стоматолозите пораснал за 23%. Фондот ги идентификува регионалните нееднаквости — особено во Полошкиот регион каде покриеноста со гинеколози е под националниот просек — и ги насочува напорите кон таргетирано решавање.

БОЛНИЧКА ЗАШТИТА И СПЕЦИФИЧНИ УСЛУГИ

Во 2025 година евидентирани се 194.230 болнички случаи, зголемување за 2,15% во споредба со 2024 година. Просечната должина на хоспитализација изнесува 4,86 дена. Договорите со јавните здравствени установи изнесуваат 32,49 милијарди денари (+10,5%).

Во областа на биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) се реализирани 1.051 ваучери. Реформата во оваа област ги проширува правата — до 6 обиди, без потреба од упат и со воведена електронска достава на решенијата. Реализирани се 251.454 дијализни третмани, 3.620 кардиоваскуларни интервенции, а 290 пациенти добиле лекување во странство.

ЛЕКОВИ

Во 2025 година реализирани се 27,33 милиони рецепти (+4,53%), со вкупна вредност од 3,6 милијарди денари. Просечниот број рецепти по осигуреник изнесува 14,8 годишно.

ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПОСТИГНУВАЊА

ФЗО е рангиран на првото место како најтранспарентна институција во Македонија според Агенцијата за слободен пристап до информации — скок од 45-то место во 2024 година. Во 2025 година Фондот одбележа и 25-годишнина од основањето (17 октомври 2000 г.).