Skip to main content
Свет

Француската влада преживеа гласања за недоверба

14/01/2026  21:41

Француската центристичка влада преживеа две гласања за недоверба, јави ДПА.

Само 256 и 142 од 577-те членови на француското Национално собрание и изгласаа недоверба на малцинската влада на гласањата одржани денеска.

Десничарските националисти на Марин Ле Пен и левичарската партија „Непокорна Франција“ (LFI) поединечно побараа гласање против владата на премиерот Себастиен Лекорну поради незадоволство од трговскиот договор Меркосур. Притоа, тие упатија и остри критики кон претседателот Емануел Макрон, иако неговата функција не беше предмет на гласањето.

Планираниот договор за слободна трговија на Европската Унија со четирите јужноамерикански земји од Меркосур – Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај – беше предмет на преговори уште од 1999 година. Според Европската комисија, новата зона за слободна трговија, со повеќе од 700 милиони жители, би била најголемата од овој вид во светот.

На состанокот на претставниците на 27-те земји на ЕУ минатата недела, доволен број учесници гласаа за склучување на договорот. Потпишувањето е закажано за сабота во Парагвај.

Франција во повеќе наврати упати гласни критики за договорот. И покрај неколкуте отстапки, Макрон на крајот најави дека ќе гласа против договорот. LFI сега ги обвинува Макрон и владата дека не се спротивставиле доволно силно на договорот. Десничарските националисти, пак, се жалат дека интересите на Франција не биле соодветно застапени.

Центристичката влада преживеа и две гласања за недоверба иницирани од LFI и националистите набрзо по стапувањето на должност во октомври. Во тоа време, меѓутоа, гласањето беше поизедначено.