
Македонскиот фудбалски гордост, Вардар, славеше со 2-1 победа над швајцарската Лозана во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига. Пред преполните трибини на „Тоше Проески“, црвено-црните одиграа борбено, храбро и заслужено дојдоа до важна победа против фаворизиран противник.

Головите за Вардар ги постигнаа Роџерс Мато и Азер Омерагиќ, додека стрелецот за Лозана беше Диаките.
Првото полувреме започна борбено, но со малку конкретни шанси. Во 42. минута, Вардар имаше две шанси преку Омерагиќ, а првиот гол падна во самиот финиш – во втората минута од судиското продолжение, Мато ја затресе мрежата по одбиен удар од Тодоровски, носејќи ерупција на трибините и водство од 1-0.
Во второто полувреме, Лозана брзо израмни преку Диаките со одличен погодок од далечина во 58. минута. Гостите продолжија со притисок, но Вардаровиот голман Талески блесна и спречи пресврт со клучна интервенција.
Клучниот момент се случи во 76. минута, кога по мешаница во шеснаесетникот по изведен корнер, Омерагиќ го пронајде патот до мрежата за 2-1, што предизвика уште еден делириум кај навивачите.
Вардар го одбрани резултатот до крајот на натпреварот и заслужено се радуваше на победа која му носи предност пред реваншот во Швајцарија, кој ќе се игра за седум дена.
Ова е голем чекор за најтрофејниот македонски клуб во неговиот обид да се врати на европската сцена – таму каде што навистина му е местото.
