Skip to main content
Спорт

Фонсека суспендиран на девет месеци

06/03/2025  10:43

Дисциплинската комисија на Француската фудбалска лига (ЛФП) го суспендираше тренерот на Лион, Пауло Фонсека до 30. октомври годинава поради недолично однесување кон судијата Беноа Мило на неделниот натпревар против Брест.

Покрај суспензијата од девет месеци, на Фонсека му е забранет и влез во соблекувалната на својот тим пред, за време и по натпреварите до 15. септември.

Оваа казна 51-годишниот Португалец ја заработи поради својот лут испад и заканите кон судијата во судиското надополнување на натпреварот против Брест, во кој Лион победи со 2-1.

Фонсека се внесе во лицето на судијата Мило, му изнакажал секакви работи, а се смири дури откако играчите на Лион го оттурнаа.

„Фонсека имаше застрашувачки и заканувачки став и однесување“, изјави претседателот на дисциплинската комисија Себастиен Дене.

„Господин Фонсека е тренер во Лига 1, тој е пред се едукатор и се подразбира дека таквиот став е неспоив со неговите должности“, додаде тој.

Раководството на Лион најави дека интерно ќе го казни португалскиот стручњак кој го води тимот од јануари оваа година.

Лион моментално е на шестото место на првенствената табела со 39 бодови, 23 помалку од лидерот ПСЖ. Третопласираната Ница, која ја држи последната позиција која води во Лигата на шампионите, има седум бода предност пред Лион.