
Со обезбедувањето повеќе од 10 милиони евра за откуп на оризова арпа и винско грозје од сортата вранец, Владата испраќа порака дека годинава фокусот не е само на зголемување на земјоделското производство, туку и на обезбедување сигурен пласман за родот. Наместо земјоделците да се соочуваат со неизвесност околу откупот, компаниите ќе имаат пристап до поволни кредитни средства со кои навремено ќе го преземат и исплатат производството.
Преку Развојната банка за оваа намена се ставаат на располагање околу 10,1 милиони евра, од кои 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, а повеќе од 553 милиони денари за откуп на грозјето вранец. Со фиксна каматна стапка од само еден процент и поволни услови за отплата, мерката има за цел да обезбеди ликвидност кај откупувачите токму во периодот кога им се најпотребни средства.

Оваа одлука доаѓа во време кога Владата оценува дека земјоделското производство бележи позитивен тренд. Според премиерот Христијан Мицкоски, состојбата со наводнувањето е значително подобрена во споредба со минатата година. Акумулациите што во август 2024 година биле исполнети само осум проценти, сега се над 70 проценти, што создава многу подобри услови за земјоделско производство во текот на сезоната.
Паралелно, Владата најавува и нов инвестициски циклус во системите за наводнување преку кредит од 80 милиони евра од КФВ банката, со кој треба да се реализираат три нови проекти. Со тоа, поддршката за земјоделството не се сведува само на субвенции и интервентни мерки, туку се проширува и кон долгорочни инфраструктурни инвестиции.
Во Владата оценуваат дека ефектите веќе се видливи и преку производството. Кај тутунот, според изнесените податоци, откупените количини се зголемени од околу 16 на 26 милиони килограми, од цени од 150 160 денари, денеска просечната откупна цена достигнала над 400 денари за килограм. Кај лозарството, пак, од 60-70 милиони килограми годинава се очекува род од околу 120 милиони килограми, речиси двојно повеќе во однос на претходните години.
Ако овие показатели се потврдат и во претстојната откупна сезона, мерките би можеле да создадат покомплетен модел на поддршка на земјоделството од обезбедување вода за производство, преку финансиска стабилност за откупувачите, до посигурен пласман и навремена исплата на земјоделците. Токму ваквиот пристап може да биде клучен за поголема предвидливост во секторот и за создавање услови земјоделството да остане една од важните гранки на домашната економија.
