Skip to main content
Македонија

Филипче бара референдум за ЕУ: Граѓаните да одлучат дали сакаат да ја платат цената заради Мицкоски

27/05/2026  13:15

Соопштение за јавност на СДСМ:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат да ја плаќаат цената за криминалните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ, кои ја држат државата надвор од ЕУ.

„Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече: ‘Нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената’. Се поставуваат две прашања: кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме досега. Сè што кажа, всушност, било една голема лага. Ќе го враќал името, ќе го поништувал Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму. И таа лажна кампања постепено почна да се разобличува изминатиот период и веќе граѓаните знаат – ништо од тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа дека со договорот е потврден идентитетот и јазикот. Тимчо Муцунски го слушнавме како кажа дека со влезот во НАТО е загарантирана безбедноста и се подобрува бизнис-климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можат да го искористат”, истакна Филипче.

Претседателот Филипче порача дека цената од изолацијата нема да ја плаќаат функционерите на ВМРО-ОКГ, туку граѓаните и младите генерации.

„Тоа нема да биде Мицкоски, нема да бидат неговите соработници, неговите министри, сите тие имаат бугарски пасоши во џебовите. Тоа нема да биде неговата криминална банда. Цената ја плаќаат сите граѓани, цената ќе ја платиме сите ние – нашите семејства, децата и младите. Оваа банда на власт едноставно не знае како да се води држава. Нема капацитет, нема знаење за ништо. Ја презадолжија земјата, стандардот го урнисаа, граѓаните едвај преживуваат од први до први во месецот”, рече Филипче.

Тој предупреди дека власта повторно ги манипулира граѓаните со лаги за Европа и идентитетот.

„Оваа власт сега повторно лаже. Сега дека Европа ни го загрозува идентитетот. Единственото нешто што е во овој момент загрозено е иднината на нашите деца и животниот стандард на граѓаните во државата. Доста е веќе од лагите и пропагандата на криминалната група на власт. Едноставно, доста е”, нагласи претседателот на СДСМ.

Филипче оцени дека вистинската причина поради која ВМРО-ОКГ бега од Европа е стравот од одговорност.

„ На власта и е добро, тие не живеат лошо као граѓаните, со бугарските пасоши во џеб, со криминалните партиски тендери, со владините авиони на плажа, додека народот не може да преживее. И кога ќе доје време, тие ќе ја напушта држава, ќе ја живеат во некоја европска земја и ќе остане Македонија опустошена, сиромашна и безнадежна. И јас тоа не го прифакам. И Социалдемократскиот сојуз на Македонија тоа не го прифака. Граѓаните се будни, свесни се, не се наивни, не можете повеќе да ги лажете. Сите веќе ја знаат вистината. Мицкоски и бандата не сакаат во Европа затоа што таму има одговорност, таму се одговара пред европски обвинители за криминал и за корупција. И затоа нè држат како заложници, затоа се создаваат вештачки конфликти, затоа се идентификуваат лажно внатрешни предавници и надворешни вештачки непријатели”, рече Филипче.

Тој порача дека иднината на државата не смее да биде заложник на погрешните политики на власта и побара граѓаните директно да се изјаснат.

„Ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање за сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства, едноставно прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствени кои можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои живеат во државата”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.