Skip to main content
Македонија

Филипче: Животот на најтешко болните е загрозен поради нефункционирањето на ПЕТ центарот

20/08/2026  14:21

Скандалозно е што ПЕТ центарот не работи веќе два и пол месеци, со што на стотици најтешко болни пациенти им е оневозможена потребната дијагностика и им е загрозен животот поради неспособноста на власта на Мицкоски и минстерот Клековски, обвини претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

„ПЕТ центарот е институција која што третира, дијагностицира најтешки пациенти заболени од рак. Дневно во ПЕТ центарот се дијагностицираат некаде околу 15-тина пациенти. Нема друго место во рамки на државниот здравствен систем во кој што пациентите, најтешко болни со рак, може да ја прават таа дијагностичка процедура. И ако 15 пациенти се дијагностицираат на ден, тоа значи дека во изминатите 2,5 месеци над 600 пациенти не можеле да го остварат правото да стигнат до соодветна дијагноза”, истакна Филипче.


Тој праша како воопшто се лекуваат овие пациенти кога ПЕТ скенот е еден од критериумите врз основа на кои се одредува почетокот и текот на хемотерапијата.


„Се поставува прашањето: Како се лекуваат тие пациенти? Кога ПЕТ центарот, ПЕТ скенот е еден од критериумите за тоа како се дава, почнува да се дава хемотерапија кај најтешките пациенти со рак, или како хемотерапијата се модифицира откако почнало лекувањето. Што се случува со тие пациенти? Како се лекуваат?”, рече Филипче.


Претседателот на СДСМ предупреди дека станува збор за проблем кој мора да се решава итно, а не најтешко болните пациенти да бидат оставени два и пол месеци без функционален ПЕТ центар.


„На кој протокол се лекуваат? Води ли некој сметка за тие работи? Какви се тие изговори? Немаме ова, немаме она. Тоа е нешто што треба да биде хиперургентно. Да се среди денот кога имало проблем во работата, не два и пол месеци да се остави. На луѓето им е загрозен животот, на најтешко болните, поради тоа што не функционира ПЕТ центарот”, потенцираше Филипче.


Нефункционирањето на ПЕТ центарот е уште еден пример за импровизаторското менаџирање во здравството, кое се гледа и во справувањето со кризата со водата во Гостивар и со западнонилската треска.


„Практично импровизаторско менаџирање, како и на кризата со водата и со западнонилската треска”, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.