
Истрагата за Кочани се води неселективно, многу прашања остануваат неодговорени, а власта не презеде никаква одговорност за најголемата трагедија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче во емисијата Политиканти.
„Прашањата се многу конкретни, и сè уште никој не дава одговор на нашите прашања во однос на тоа што се случи во Кочани. За трагедијата во Кочани, не се повикани на одговорност припадниците на Министерството за внатрешни работи, коишто вечерта биле присутни таму неколку часа после полноќ, а во објектот имало малолетници коишто не смееле да бидат таму. Очигледно се конзумирало алкохол и се користеле пиротехнички средства. Овие прашања не ги политизираме. Ние тие прашања ги поставуваме после консултација, координација со правници коишто работат на таа проблематика. Но, во исто време кажуваме — добро, истрагата сè уште трае, ќе почекаме“, истакна Филипче.
Филипче потсети дека тој како министер за здравство, веднаш понудил оставка кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово, но и дека по само неколку месеци целата Влада си поднесе оставка.
„Јас понудив оставка следниот ден после пожарот во модуларната болница во Тетово, тогаш оставката не беше прифатена, меѓутоа владата за брзо си замина. После три месеци од тој 8. септември, целата влада веќе беше во оставка со нов премиер, целосно нов владин состав“ порача Филипче.