Skip to main content
Македонија

Филипче: Власта да распише Референдум – граѓаните да одлучат за европската иднина на Македонија

31/05/2026  14:47

Соопштение за јавност на СДСМ:

Власта да распише Референдум, граѓаните да одлучат за европската иднина на Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, потенцирајќи дека власта има обврска да им овозможи на граѓаните да се изјаснат за европската иднина на државата.

„Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе го вратат името, дека ќе укинуваат Преспанскиот договор, договорот за добрососедство и ништо од тоа не направија. Дојдоа на власт со една голема лага, со една пропаганда којашто е стимулирана, финансирана и поддржана од други земји и затоа што оваа власт одработува за други земји. Тие тоа право го немаат., потенцираше Филипче.

Говорејќи за евроинтегративниот процес, Филипче нагласи дека продолжувањето на преговорите зависи од одлуките на актуелната власт.

„Дали ќе ги продолжиме, зависи од власта. Оваа власт очигледно не сака. Ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот и не знам која друга идентитетска одредница на македонскиот народ со цел да не се направи чекорот, којшто не носи никаков ризик, а тоа се уставните измени. Така што, билатералните прашања со која било земја членка на Европската Унија не се никако дел од нашата преговарачка рамка. И тоа граѓаните мора да го знаат. Билатералните прашања се решаваат билатерално и никако не може да влијаат на европскиот пат, односно отворањето и затворањето на кластерите, така како што ги поминале секоја една земја којашто се приклучила во Европската унија”, посочи претседателот на СДСМ.

Притоа, Филипче нагласи дека токму со блокирањето на европскиот пат се загрозуваат националните интереси и иднината на државата.

„Уште една лага и манипулација на оваа власт, затоа што сака исто како и во очи изборите 2024 година, да глумат патриоти, дека се тие на браникот на одбрана на националните интереси на државата, што не е вистина, поради тоа што со тоа што не се продолжува европскиот пат, оваа власт начело со Христијан Мицковски, националните интереси и иднината на земјата ги загрозува”, посочи Филипче.